Швјонтек по голема драма стигна до четвртфиналето во Токио

Втората светска тенисерка, Ига Швјонтек, успеа по голема борба да се пласира во четвртфиналето од ВТА турнирот кој се игра во главниот град на Јапонија, Токио. 

Полјачката се намачи против 148. тенисерка во светот, Маи Хонтамa. Мечот траеше нешто повеќе од два часа, а Швјонтек успеа на крајот да слави со 2-0, по сетови 6-4 и 7-5. 

Првиот сет го освои со голем пресврт, откако Јапонката водеше со 4-1, но искуството пресуди и со пет гема во низа, Швјонтек успеа да го затвори сетот во своја полза. Вториот сет донесе исто така голема драма, Швјонтек водеше со 5-1, но ѝ дозволи на противничката да се врати до 5-5. 

Евидентен е малиот пад во формата на Швјонтек, која имаше неколку непосакувани резултати во низа, но сепак, по голема битка, успеа да се пласира меѓу осумте најдобри во Токио.