Швјонтек: Одиграв импресивно, Ролан Гарос е мојот омилен турнир

Полската тенисерка, Ига Швјонтек, по четврти пат во кариерата се закити со трофејот од Ролан Гарос, а по финалето со Италијанката Јасмине Паолини изјави дека е пресреќна од нејзиниот настап на францускиот Грен-слем турнир. 

Полјачката лесно ја мина конкуренцијата во Париз и во финалето на доминантен начин ја збриша Паолини, по што рече дека овие две недели одиграла навистина феноменално. 

„Мислам дека е импресивно тоа што го одиграв последниве две недели. Земјената подлога ми е една од омилените, а истото го чувствувам и за овој прекрасен турнир. Се надевам дека ќе имам уште многу финалиња во кариерата.

Најзаслужни за мојот успех се моите родители и семејството, без нив немаше да бидам овде“, рече старо-новата шампионка на Ролан Гарос. 

Швјонтек сега уште повеќе ќе ја зголеми предноста на ВТА листата, а шанса за уште подобар скор ќе има за помалку од три недели, кога ќе стартува англискиот Грен-слем, Вимблдон.