Швјонтек ја мина Свитолина и закажа мега-финале со Рибакина во Торонто

Полската тенисерка Ига Швјонтек обезбеди пласман во финалето на турнирот во Торонто, откако во драматичен полуфинален меч ја совлада Украинката Елина Свитолина со 6-3, 1-6, 6-3.

За Швјонтек ова е одличен резултат и прво финале по речиси една година. Победата има дополнителна тежина бидејќи Свитолина ги доби нивните два претходни меѓусебни дуели оваа сезона.

Полската тенисерка одлично го започна натпреварот и го освои првиот сет, но потоа следуваше голем пад во нејзината игра. Во вториот сет успеа да освои само еден гем. Сепак, во решавачкиот сет се врати во вистински момент, надомести брејк заостаток и по два часа и 17 минути стигна до големата победа.

Во финалето ја очекува Елена Рибакина, која во второто полуфинале ја совлада Американката Коко Гоф со 5-7, 6-2, 6-2.

Гоф успеа да го освои првиот сет, откако направи брејк во последниот гем. Рибакина, сепак, целосно го презеде натпреварот во продолжението. При резултат 2-2 во вториот сет, Казахстанката освои четири гема по ред и го израмни резултатот, а потоа продолжи во ист ритам и во третиот сет.

Финалето во Торонто ќе биде 13-та пресметка меѓу Швјонтек и Рибакина. Двете тенисерки досега имаат по шест победи, што значи директниот скор е целосно израмнет. Последната средба беше на Австралија Опен, каде што Рибакина славеше во четвртфиналето на патот до титулата.

Швјонтек во Торонто ќе се обиде да стигне до 26-тиот трофеј во кариерата, додека Рибакина ќе ја брка својата 14-та титула.