Швјонтек е кралица во „белиот спорт“: Четврти пат го освои Ролан Гарос

Најдобрата светска тенисерка, Ига Швјонтек, без никакви проблеми ја оправда фаворитската улога во финалето на Ролан Гарос и славеше со 2-0 над изненадувањето од Италија, Јасмине Паолини, по сетови 6-2 и 6-1.

Италијанката успеа да направи големо изненадување со учеството во финалето, но Швјонтек за многу краток период ѝ покажа зошто во моментов е најдобра во светот. Првиот сет ѝ припадна на Полјачката со 6-2, а во вториот ѝ препушти на противникчата само еден гем и сосема заслужено на крајот се радуваше на нов Грен-Слем трофеј. 

За Ига Швјонтек ова е шеста титула од најпрестижните турнири (четврта на Ролан Гарос) и со новите бодови уште повеќе ќе се зацврсти на лидерската позиција во ВТА конкуренцијата. На второто место е Арина Сабаленка од Белорусија, додека третопласирана е Коко Гоф од САД.