Швајцарскиот ветеран доби „вајлд-карта“ за Австралија Опен

Трикратниот Грен слем шампион Станислав Вавринка доби „вајлд-карта“ и ќе биде на првиот голем турнир во 2025 година, Австралија Опен. 

Швајцарскиот ветеран според ранкингот немаше да избори место на завршниот турнир, меѓутоа организаторите го испочитуваа и му испратија посебна покана. 

„Неверојатно сум благодарен што добив посебна покана за Австралија Опен 2025. Мелбурн има посебно место во моето срце - тука го освоив својот прв Грен слем трофеј. Тоа беше една пресвртница во кариерата“, прокоментира Вавринка.

39-годишниот тенисер во 2014 година го крена трофејот во Мелбурн. Следната година Вавринка се радуваше на Ролан Гарос, а во 2016 година го освои и УС Опен. Во моментов се наоѓа на 161. позиција на АТП рангирањето.