Шпекулациите сè погласни: Дали Ѓоковиќ го одигра последниот меч на УС Опен?

Новак Ѓоковиќ доживеа шокантна елиминација на стартот на УС Опен, откако по повеќе од четири и пол часа борба загуби од Маријано Навоне со 2-3 во сетови.

Поразот има и големи последици за српскиот тенисер на АТП-листата. Ѓоковиќ пред турнирот беше петти на светот, но од следниот понеделник ќе падне на 11. место.

Тоа значи дека по повеќе од осум години Ѓоковиќ повторно ќе биде надвор од Топ 10. Последен пат тоа се случи на 2 јули 2018 година, па неговата неверојатна серија од 2.976 дена во елитното друштво ќе заврши.

По елиминацијата, Ѓоковиќ емотивно се поздрави со публиката на „Артур Еш“, а дури застана и да им даде автограми на навивачите. Сето тоа повторно ги засили шпекулациите, дали Ноле последен пат играше на УС Опен?