• Иван Димовски

Најголемото изненадување досега на тениските терени во Париз го приреди Кинвен Женг, која ја совлада првата и апсолутна фаворитка за златото Ига Швјонтек со 2-0. Во битка која траеше час и 51 минута, кинеската претставничка во два сета го реши мечот во своја корист.
На стартот се влезе со по еден освоен гем, а Женг во третиот успеа да направи брејк. Иако тука Швјонтек одговори со ри-брејк, веднаш во петтиот кинеската тенисерка пак ѝ одзеде сервис. Со уште еден брејк Женг дојде до убедливо водство и со 6-2 го затвори сетот во своја корист.
Швјонтек тргна кон израмнување во вториот сет, со два брејка дојде до предност од 4-0. Сепак, Женг се разбуди, ги врати брејковите и дојде до егал. Уште еднаш кинеската претставничка одзеде сервис, за 6-5, па веќе во следниот гем ја искористи првата меч-топка и победи.
По елиминацијата на најдобрата тенисерка на светот Женг има сигурен медал, а за златото ќе се бори против Шмидлова или Векиќ.