Шаповалов: Прашање на време е кога тенисер од „новата генерација“ ќе освои Грен слем турнир

Шаповалов

Со 20 години, Денис Шаповалов од Канада е дел од популарната „нова генерација“ на тенисери која треба да го преземе врвот од водечкото трио во последните две декади.

Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се големи фаворити кога и да се појават на терен, а Канаѓанецот смета дека прашање на време е кога помлад тенисер ќе ги симне од тронот и ќе освои титула на големите турнири.

„Без никаков сомнеж, времето на мадите тенисери доаѓа. Федерер, Надал и Ѓоковиќ имаат многу искуство, но тенисерите од „новата генерација“ се подготвени да завладеат со белиот спорт. Прашање на време е кога ќе биде освоен и првиот Грен слем трофеј.

Тоа што тие го направија за овој спорт е неверојатно. Многу работи можат да се научат од нив тројца. Но, ние младите треба да покажеме карактер и да бидеме лидери во новото време“ , вели Канаѓанецот.

Прва шанса за тоа ќе биде Ролан Гарос на кој Надал ќе ја брани титулата и ќе биде голем фаворит покрај Ѓоковиќ.