Серена Вилијамс спречи германско финале, в сабота ќе тргне по својот осми Вимблдон

Во женското финале на Вимблдон ќе играат Германката Кербер и Американската Серена Вилијамс. Ветеранката Вилијамс се врати во едно Грен слем финале по бременоста и раѓањето на нејзината ќерка. Легендата на светскиот тенис е првата која стигна до 30-то финале на големите турнири меѓу припадничките на понежниот пол.

Токму таа спречи германско финале во Лондон, откако попладнево во второто полуфинале за 70 минути ја совлада младата германска тенисерка Јулија Гергес со 2-0 во сетови, 6-2, 6-4.

За Серена ова е нова шанса да го освои својот осми Вимблдон, откако последен пат во „Ол Ингланд Клаб“ славеше во 2016 година. 36-годишната тениска легенда застана на 23 Грен слем титули, а последната ја освои во Мелбурн во јануари 2017 година.

Финалето меѓу Серена Вилијамс и Анџелика Кербер ќе се одигра в сабота попладне.