Серена Вилијамс првпат загуби меч во ФЕД Купот, Американките се провлекоа против Летонија

Легендарната американска тенисерка Серена Вилијамс го претрпе својот прв пораз во сингл во кариерата на Федерејшн Купот. Сепак, и покрај поразот Соединетите држави победија со 3-2 против Летонија во Еверет и се квалификуваа во финалето на неофицијалното Светско првенство во тенис во Будимпешта во април годинава.

Американките имаа предност од 2-0 по првиот ден, но најнапред Елена Остапенко ја победи шампионката Софија Кенин со 6-3, 2-6, 6-2, а потоа Анастасија Севастова ја изненади Вилијамс со 7-6/5, 3-6, 7-6/4 за да го израмни резултатот. Овој пораз е прв за Серена во ФЕД Купот, откако досега победи на сите 14 меча во сингл. Победникот се решаваше во мечот во двојки, во кој Кенин и Бетани Метек-Сендс триумфираа над Остапенко и Севастова со 6-4, 6-0.

Русија со 3-2 ја надигра Романија во Клуж, а Белорусија со ист резултат славеше против Холандија во Хаг. Словачка ја елиминира Велика Британија со 3-1 во Братислава и ја оправда улогата на фаворит. На завршниот турнир во Будимпешта ќе настапат: Франција, Австралија, Чешка, Унгарија, Шпанија, Германија, Швајцарија, Белгија, САД, Русија, Белорусија и Словачка.