Сензација во Монте Карло: Ѓоковиќ надигран и елиминиран од бестрашниот Еванс

Откако со убедливи 2-0 славеше над Синер, на отворањето на Мастерсот во Монте Карло, се чинеше дека Новак Ѓоковиќ е во одлична форма по подолгата пауза поради повреда, сепак освојувачот на Австралија Опен ги разочара своите фанови, затоа што забележа рана елиминација од првиот поголем турнир оваа сезона кој се игра на земјена подлога. 

Српскиот ас важеше за голем фавориот против Даниел Еванс, но тоа не го докажа на терен и заслужено беше поразен со 2-0 во сетови, со што го запиша првиот неуспех во 2021 година.

Првиот рекет на светот во грч го отвори дуелот против секогаш незгодниот и бестрашен Британец и двапати по ред загуби гем на свој сервис, што беше клучен фактор за Еванс да се избори за почетно водство во сетови. Ноле по негативата од 3-0 во гемови, успеа да се соземе и целосно да се врати во игра (4-4), но Еванс со рибрејк поведе со 5-4, а потоа со сигурна игра на свој сервис го шокираше големиот фаворит.

Вториот сет пак започна идентично како и првиот, но со водство на Ноле од 3-0 во гемови. Србинот по шокот што го доживеа во првиот сет се чинеше дека конечно ќе се врати во игра и ќе тргне по вистинскиот пат, но тоа не се случи, односно Еванс покажа карактер во клучните моменти и со херојски 5-7 се избори за големо изненадување.