Сензација во Мелбурн: Бразилски тинејџер го исфрли Рубљев

Андреј Рубљев го заврши својот настап на Австралија Опен уште во првото коло, откако загуби со 3-0 од младиот Жоао Фонсека. Бразилскиот тинејџер одигра врвен меч во Мелбурн и заслужено ќе игра во втората рунда од турнирот против Лоренцо Сонего.

Се играше целосно израмнет прв сет во кој немаше брејкови, а во тај-брејкот Фонсека со експресни 7-1 стекна предност. Тоа му даде елан на Бразилецот за добар старт на вториот сет и предност од 3-0 со еден одземен сервис на противникот. До крајот на сетот младиот ас успеа да се одржи во позитива и со 6-3 ја удвои позитивата. 

Третиот сет беше најизрамнет, Рубљев тргна со брејк, но веднаш Фонсека направи ри-брејк. Во продолжението се играше гем за гем, па одново се влезе во тај-брејк кој повторно бразилскиот тенисер го доби, но сега со 7-5.

Фаворитската улога си ја оправда Алекс Де Минер, победувајќи го сигурно Ботик Ван Де Зандшулп со 3-0 (6-1, 7-5, 6-4) за два часа и 25 минути. На останатите терени победи забележаа Шаповалов, Шелтон, Мусети, Алтмајер, Карено-Буста...