ВИДЕО: Саудијците на спектакуларен начин го најавија „Слемот на шесте кралеви“!

Од 16 до 19 октомври во Ријад ќе се одржи егзибициски турнир наречен „Слемот на шесте кралеви“. Најдобриот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ ќе биде еден од учесниците, заедно со Јаник Синер, моментално првопласиран на АТП листата, потоа најдобрите шпански тенисери Рафаел Надал и Карлос Алкараз, Русинот Данил Медведев и Данецот Холгер Руне.

Она што привлекува посебно внимание кога е овој турнир во прашање е фантастичната награда, најголема во историјата на тенисот. Имено, на секој од шесте играчи кои ќе настапат му се гарантираат минимум 1,34 милиони евра за учество, што е сума која значително ја надминува таа што беше наменета за поразените во полуфиналето на овогодинешниот Вимблдон.

А победникот на „Слемот на шесте кралеви“ ќе заработи неверојатни 5,4 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од претходната рекордна награда.

Покрај рекордниот награден фонд, организаторите се потрудија за неверојатна најава со спектакуларен промотивен филм, во кој секој од тенисерите глуми мистичен херој.