Сара Ерани и Јасмине Паолини со пресврт до злато во двојки!

Италијанските тенисерки Сара Ерани и Јасмин Паолини го освоија златниот медал на Олимписките игри во турнирот на женски двојки. 

Во мечот за златниот медал Италијанките дојдоа до победата со пресврт против Мира Андреева и Диана Шнаидер (2-1), тенисерки од Русија кои играат без државните обележја. Финалето траеше вкупно 85 минути, а на крајот се радуваа девојките во сина комбинација. 

Андреева и Шнаидер во првиот сет тргнаа одлично, па со два брејка дојдоа до 6-2 и водство. Сепак, Италијанките вратија со три одземени сервиси во вториот сет и со 6-1 израмнија. Во супер-сетот се играше израмнето до самиот крај, а Ерани и Паолини по првата меч-топка дојдоа до 10-7 и победа. 

Претходно во мечот за бронза победија Кристина Букса и Сара Тормо Сорибес од Шпанија во дуелот со Каролина Мухова и Линда Ношкова (2-0).