САД повторно го одби Ѓоковиќ, сега само Бајден може да му помогне!

По освојувањето на Австралија Oпен, најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека сака да игра на УС Опен оваа година и дека се надева дека Соединетите Американски Држави ќе му дозволат да влезе во земјата, иако не е вакциниран против коронавирусот. Сепак, се чини дека желбата на Ѓоковиќ нема да се исполни.

Американските медиуми утринава објавија дека на Ѓоковиќ повторно му е забранет влез во Соединетите Американски Држави и како што стојат работите, ниту годинава нема да го видиме најдобриот светски тенисер на Грен слемот во Њујорк.

Сенаторот од Флорида, Рик Скот, објави документ во кој се наведува дека Ѓоковиќ нема да добие специјална виза, така што нема да може да учествува на турнири во САД. Покрај УС Опен, ова важи и за турнирите во Индијан Велс и Мајами. Скот додаде дека само претседателот Џо Бајден може да ја смени таквата одлука и да го одобри влезот на Ѓоковиќ и дека тоа е единствената надеж на српскиот ас.

„Штотуку ме информираа дека американското mинистерство за домашна безбедност го одби барањето на Новак Ѓоковиќ за ослободување од вакцинација, што го прави неподобен за турнирите во Индијан Велс и во Мајами. Сега преостанува само уште Џо Бајден да даде изземање и да му дозволи да се натпреварува во Соединетите Американски Држави“, објави Скот.

Ѓоковиќ неодамна испрати барање за изземање и да му биде дозволен влез во САД, иако не е вакциниран, но се чини дека во Соединетите Американски Држави не попуштаат и се држат цврсто до своите закони и правила донесени за вакцинација против коронавирус.