Сабаленка се намачи за нов триумф на завршницата во Ријад

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка обезбеди нова победа на завршниот ВТА мастерс турнир, откако по три сета ја совлада Американката Џесика Пегула со резултат 2-1 (6-4, 2-6, 6-3) во дуел од второто коло на Групата А.

Светската тенисерка број два започна фуриозно, освојувајќи рано два брејка и поведувајќи со убедливи 5:2. Иако Пегула успеа да врати еден од нив и да се доближи на 4-5, Сабаленка ја задржа концентрацијата и го приведе сетот во своја корист со 6-4. Вториот сет донесе целосно поинаква слика. Американката пронајде ритам, беше поагресивна на ритерн и со два направени брејка изедначи на 1-1 во сетови по 6-2.

Одлучувачкиот трет сет започна подобро за Пегула, која прва стигна до брејк и го презеде водството. Сепак, Сабаленка возврати со двојна мерка – двапати го одзеде сервисот на противничката и со сигурна игра во клучните моменти го затвори мечот со 6-3.

Ова е втора победа за белоруската тенисерка во групата, со што направи голем чекор кон пласман во полуфиналето. Пегула и Коко Гоф имаат по една победа и еден пораз, додека Јасмин Паолини со два неуспеси веќе го загуби секое теоретско право за пласман понатаму. Во претходниот натпревар од групата, Коко Гоф без поголеми потешкотии ја совлада Паолини со 2-0 (6-3, 6-2), потврдувајќи дека и таа останува сериозен кандидат за следната фаза.

Во последното коло од групната фаза ќе се одиграат дуелите Сабаленка – Гоф и Пегула – Паолини, по кои ќе станат познати двете најдобри тенисерки кои ќе обезбедат место во полуфиналето на завршниот мастерс.