• Горан Упале
Арина Сабаленка на доминантен начин го одбрани трофејот во Мелбурн. Во големото финале на Австралија Опен, тенисерката од Белорусија со сигурни 2-0 во сетови ја совлада Кинвен Женг од Кина и без загубен сет по вторпат во кариерата го подигна престижниот трофеј.
По церемонијата и прекрасниот говор на теренот, на социјалните мрежи се појави трогателно видео и ветување кое му го даде на својот покоен татко. Таа во документарецот за „Нетфликс“ откри за што фантазирала со него.
„Го загубив татко ми пред четири години. Имавме една цел, да освоиме неколку слемови пред да наполнам 25 години. Сега имам 24 години и немам ниту еден слем“, изјави тогаш Арина.
Aryna Sabalenka fulfilled her father’s dream, who sadly passed away in 2019...
It's a #AusOpen pic.twitter.com/P4lBNj3n46
— Eurosport (@eurosport) January 27, 2024
Таа го исполни својот сон, бидејќи сето тоа успеа да го направи пред нејзиниот 26-ти роденден, кој е на 5 мај годинава... Сосема очекувано, тоа беше едно од прашањата што ги доби на прес-конференцијата по титулата.
„Тоа ми беше многу важно, тоа беше мојот сон. Имам уште многу работи кои сакам да ги постигнам, многу цели пред мене. Пред да го освојам Мелбурн минатата година, сакав да го почестам на тој начин. Тој е мојата голема мотивација , но ја имам мајка ми, сестра ми кои се тука и морам да размислувам и за нив. Татко ми е секогаш со мене и благодарна сум за сè што направи за мене, без него немаше да бидам тука. Многу ми значи, сега во овој момент играм за мајка му, сестра ми и баба ми“, рече Сабаленка.
Белорусинката влезе во одбрано друштво, бидејќи пред неа титулата во Мелбурн без загубен сет ја освоија само уште Линдзи Давенпорт, Марија Шарапова, Серена Вилијамс и Ешли Барти.