• Мартин Танасковски
Младата српска тенисерка Теодора Костовиќ го заврши својот дебитантски настап на Вимблдон уште во првото коло, откако убедливо беше поразена од светската рекет број еден Арина Сабаленка со 2-0 во сетови (6-2, 6-3).
Белоруската тенисерка уште од самиот почеток ја наметна својата игра и брзо поведе со 4-0, откако направи два брејка во воведните гемови. Тоа практично го реши првиот сет, а Костовиќ успеа само да освои два гема и да избегне „нула“ во првиот дел од мечот.
Во вториот сет српската тенисерка прикажа далеку подобра игра и извесен период беше рамноправен противник на фаворитката. Сепак, по првиот брејк на Сабаленка, светскиот број еден целосно ја презеде контролата над натпреварот. Костовиќ успеа да врати еден брејк во самиот финиш, но Сабаленка веднаш возврати и без поголеми проблеми го приведе мечот до крај.
Натпреварот на Централниот терен траеше само еден час, а Костовиќ, иако го заврши настапот уште на стартот, стекна драгоцено искуство на својот прв настап на најпрестижниот тениски турнир во светот против најдобрата светска тенисерка.









