• Иван Димовски
Падна најголемиот скалп во женскиот дел од Роланд Гарос, бидејќи во четвртфиналето беше елиминирана втората носителка на турнирот Арина Сабаленка. Белорусинката загуби од новото тениско чудо, младата руска тенисерка Мира Андреева со 2-1 по два ипол часа битка.
Иако Сабаленка важеше за апсолутен фаворит во мечот, не успеа да ја оправда оваа улога. Во мечот се влезе целосно израмнето и несигурно, бидејќи во првите седум гема имаше дури пет брејка, два за фаворитката и три за помладата ривалка. Во финишот на сетот Сабаленка успеа да одземе сервис, па во тај-брејкот со 7-5 успеа да поведе.
Несигурноста до некаде продолжи и во вториот сет, бидејќи во првите седум гема овојпат имаше четири брејка, по два на двете страни. Сепак, Андреева во клучниот гем од втор обид успеа да дојде до 6-4 и да го израмни мечот.
Решавачкиот сет беше нешто поизрамнет. Тенисерките разменија по еден брејк до 3-3, а потоа беа посигурни. Клучниот момент дојде при водство на 17-годишната Андреева и предност од 5-4. Тогаш Русинката ја искористи втората меч-топка и на сервис на противникот го комплетира подвигот.
Ривалка во полуфиналето на Андреева ќе и биде Јасмине Паолини, додека во другото полуфинале играат носителките Швјонтек и Гоф.