• Саше Љолес

Данскиот тенисер Холгер Руне обезбеди пласман во осминафиналето на Австралија Опен, откако славеше над Србинот Миомир Кецмановиќ со 3-2, по сетови 6-7/5, 6-3, 4-6, 6-4 и 6-4.
Ривалите водеа исцрпувачка битка која траеше точно три ипол часа, а на крајот како поумешен и поискусен се покажа тринаесеттиот светски тенисер. Кецмановиќ започна одлично, го доби првиот, а потоа и третиот сет, но Руне заигра најдобро кога беше најпотребно и не дозволи сензационален пораз.
Последните два сета Данецот успеа да ги затвори во своја полза со по еден „брејк“, сосема доволно за триумф и пласман во следната рунда, каде ќе има исклучително тешка задача против лидерот на АТП листата и најголем фаворит за трофејот, Италијанецот Јаник Синер.