Рубљев сигурен, Зверев и Медведев закажаа осминафинале во Индијан Велс

Еден од најпрестижните турнири во светот на тенисот кога не станува збор за Грен слем, Индијан Велс, продолжува во полна пареа. Фаворитите изминатата вечер одиграа според планот и не дозволија некои големи изненадувања. Така, носителите си ја завршија работата и се пласираа во осминафиналето. 

Исклучително привлечен е делот од ждрепката каде што веќе во фазата на 16 најдобри ќе се судрат Данил Медведев и Александар Зверев. Двајцата тенисери ноќва забележаа победи со по еден загубен сет. 

Медведев се судри со Илија Ивашка и го доби со 2-1 (6-2, 3-6, 6-1). Во меч кој траеше час и 46 минути, рускиот ас поведе со одличен сет и два брејка со 6-2. Ивашка врати во иста мера, па со 6-3 успеа да израмни, за потоа Медведев да го крене нивото на игра и со 6-1 да го затвори дуелот. Нешто повеќе се измачи Зверев кој со 2-1 (7-5, 1-6, 7-5) го совлада Емил Русувуори. Финецот пружи силен отпор, во двата сета кои ги загуби беше во игра до самиот крај, а во сетот кој го доби одигра доминантно.

Посигурен од останатите беше Андреј Рубљев, откако со 2-0 го совлада Уго Хумберт. Францускиот ас парираше во првиот сет и успеа да освои пет гема (7-5), но потоа рускиот тенисер отвори и затвори со по брејк, за 6-3 и пласман понатаму. Во осминафиналето Рубљев ќе се судри со Камерон Нори.