Рубљев подобар од Гојо, Русија поведе во финалето на Дејвис Купот

Русија

Русија поведе во големото финале на Дејвис Купот. Првиот бод го обезбеди Андреј Рубљев кој беше подобар од Борна Гојо (6-4, 7-6/5).

Рускиот тенисер ги доби двата сета и ја однесе својата репрезентација на чекор од титулата. Сега Данил Медведев ќе се сретне со Марин Чилиќ и со триумф ќе ја доврши работата.

Првиот сет донесе неизвесна игра и еден брејк во корист на Рубљев. Хрватот попушти во седмиот гем и тоа беше доволно да има негатива на овој меч. Во вториот сет се играше без грешка до 6-6, а потоа Русинот одигра на повисоко ниво во тај-брејкот, кој му ја донесе победата.

Во „Магичната кутија“ во Мадрид вториот дуел ќе го одиграат Чилиќ и Медведев, а во случај на победа на Хрватска, ќе се игра одлучувачки дуел на двојки. Ако Медведев извојува победа, што е и за очекување, Русија ќе ја освои „салатарата“ од Дејвис Купот.