• Саше Љолес
Најдобрите светски тенисери добија разочарувачки информации од организаторите на престижниот Грен-Слем, Ролан Гарос.
Претставници на Топ-20 тенисери во светот месецов побараа зголемување на наградниот фонд на најсилните турнири, но се чини дека овој нивен притисок нема да вроди со плод.
Се очекуваше Грен-Слем турнирите да понудат некаков компромис, но од Ролан Гарос велат дека не можат да го зголемат фондот повеќе од предвидените 5,28 проценти за оваа година. Вкупниот награден фонд ќе изнесува 56 милиони долари, сума која веројатно не ја задоволува елитата на АТП и ВТА листата.
Барањето на тенисерите се базира на фактот што тие заработуваат околу 17,5% од целокупните приходи на турнирите, што е најмалку во однос на нивните колеги од водечките светски спортови.
Оваа година освојувачот на трофејот ќе инкасира сума од 2,5 милиони евра, што претствува зголемување на износот за 150.000 евра во однос на минатогодишното издание. Финалистите ќе добијат 1,3 милиони долари, полуфиналистите добиваат 690.000 евра, додека четвртфиналистите ќе добијат 440.000 евра.