Рибакина си го бара назад тренерот кој беше обвинет за злоставување

Казахстанската тенисерка Елена Рибакина испадна во осминафиналето на Австралија Опен, а потоа изјави дека би сакала да го врати во својот тим тренерот Стефанo Вуков, кој беше обвинет за вознемирување и злоставување. 

Рибакина застана во одбрана на поранешниот тренер и изјави дека ситуацијата не е воопшто пријатна и таа сака да ги има „своите луѓе во својата ложа“. 

„Непријатен момент за сите нас. Сакам да бидам крај луѓето што ги почитувам и што ме сакаат, но не можам ништо да променам. Се обидувам да се фокусирам на мечевите и разговарам со Стефан, а тука е и Горан Иванишевиќ. 

Мислам дека сето ова влијае на моите резултати и беше клучен фактор за мојот пораз во Мелбурн. Се надевам дека наскоро сето ова ќе биде решено. Горан е тука и останува покрај мене, но ќе видиме до кога“, рече Рибакина. 

Рибакина е седма светска тенисерка, а на Австралија Опен доживеа незгоден пораз од Американката Медисон Кис.