Рибакина: Се надевам дека ќе играме уште многу финалиња со Сабаленка!

Елена Рибакина оствари нов историски успех во кариерата и го крена трофејот од Австралија Опен, откако во големото финале ја совлада Белорусинката Арина Сабаленка. 

Рибакина одигра феноменален меч и приреди изненадување против првата светска тенисерка, а по мечот им се заблагодари на сите свои навивачи, но упати пофалби и за нејзината противничка. 

„Тешко е сега да најдам зборови, но сакам да ѝ честитам на Арина за неверојатните резултати во последните години. Знам дека е тешко, но навистина се надевам дека ќе играме уште многу финалиња заедно. 

Им благодарам многу на навивачите за неверојатната атмосфера. Вашата поддршка ме држеше силно во текот на целиот меч. Благодарам на Казахстан и на сите мои пријатели, почувствував голема поддршка од тој дел на трибините.

Благодарност и до мојот тим, без кој ова не би било можно. Имавме многу предизвици, и сум навистина среќна што го постигнавме овој резултат заедно. Се надевам дека ќе продолжиме силно оваа година“, изјави Рибакина. 

За Рибакина ова беше само втор значаен трофеј од најголемите тениски турнири. Во моментов е петта на ВТА листата, но на следното рангирање би требало да „скокне“ до третото место.