Рекордите кои „големата тројка“ на светскиот тенис ќе ги брка во 2021

Тројк

Тениската сезона само што не започнала, а за жал веќе се соочува со проблеми поврзани со коронавирусот. Веќе на стартот првиот Грен слем турнир, Австралија опен, мораше да прави промени, па го одложи стартот за февруари.

Тоа му даде подолг период за заздравување на Роџер Федерер, кој сепак нема да биде дел од возбудувањата во Мелбурн. Неговото отсуство ќе биде големо, но сепак фановите со нетрпение го очекуваат да направи кам-бек на терените во остатокот од сезоната.

Заедно со големите ривали Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, швајцарскиот ас ќе се бори да стигне до уште неколку рекорди. „Големата тројка“ на светскиот тенис и натаму ќе биде страв и трепет за конкуренцијата, а нема сомнеж каде ќе се гледа како најголеми фаворити, кога се во прашање најголемите турнири.

Роџер Федерер

  • Може да стане тенисер со најмногу освоени титули и финалиња во целата историја на Отворената ера. Тој има 103, а Џими Конорс го води со 109. Покрај тоа, Швајцарецот е на седум финалиња за да го надмине Конорс (164).
  • Може да стане играч кој играл и победил најмногу меча во историјата. Досега има 1.513 (Конорс има 1.557) и победил на вкупно 1.242 (Американецот има 1.274 победи).
  • Може да го надмине Кен Розевал како најстар тенисер кој освоил Грен слем трофеј.
  • Може да го надмине Надал како тенисер кој освои Грен слем титула со најголема разлика од првата до последната.

Рафаел Надал

  • Може да го надмине Федерер како играч со најмногу Грен слем финалиња (има 28, а рекордот на Швајцарецот изнесува 31)
  • Може да стане тенисер со најмногу победени натпревари на еден Грен слем турнир - има 100 на Ролан Гарос и е зад Федерер со 101 на Вимблдон и 102 во Австралија.
  • Може да го надмине Федерер како тенисер со најмногу титули во категоријата АТП 500 (Швајцарецот има 24, а Шпанецот 21)
  • Може да стане четвртиот играч во историјата со 500 или повеќе победи на терени со тврда подлога. Федерер, Ѓоковиќ и Агаси се останатите.

Новак Ѓоковиќ

  • Може да стане тенисерот со најмногу недели како број 1 во светот, надминувајќи ги 310-те недели на Федерер.
  • Може да се израмни со Надал како играч со најмногу последователни години освојувајќи две титули или повеќе (тој има 15, а Шпанецот 16)
  • Може да стане играчот со најмногу победи против Топ 10 играчи. Засега има 215 и стои зад Федерер кој запишал 224 победи.
  • Може да се израмни со Федерер како најистакнат играч на АТП завршниот турнир, ако ја освои шестата титула.
  • Може да го престигне Надал како тенисер со најмногу настапи во полуфиналињата на Мастерс 1000 турнирите во целата историја (74 има шпанскиот тенисер, а 69 Србинот).
  • Може да ја достигне бројката од 1.000 победи како професионалец, приклучувајќи им се на Конорс, Федерер, Лендл и Надал. Во моментов има 934.