ВИДЕО: Расплаканиот Мареј најави пензија поради проблемите со колкот

Енди Мареј

Тениските фанови добија тажни вести кои доаѓаат од Мелбурн. Најдобриот британски тенисер Енди Мареј најави дека Грен слем турнирот во Австралија би можел да биде последен во неговата кариера.

На прашањето за неговите проблеми со колкот, Мареј не можеше да издржи и заплака пред медиумите, зборувајќи дека повеќе не може да ја трпи болката и дека размислува за пензија.

„Не, не сум добро. Имам страшни болки и тоа трае веќе 20 месеци. Направив што можам за да ги излечам колкот, но ништо не помогна. Подобро сум сега отколку пред шест месеци, но и понатаму ме боли. Многу ми е тешко.

Можам да играм, но не на нивото на кое што посакувам. Но, тоа не е вистинскиот проблем. Проблемот е болката која што станува неиздржлива. Морам да престанам да играм. Реков дека сакам да играм уште неколку месеци, барем до Вимблдон. На тој турнир би сакал да се пензионирам. Но, искрено не знам уште колку ќе издржам...“ , низ солзи рече Британецот.

31-годишникот зад своето име има три Грен слем титули, два златни медали од Олимписките игри, еден трофеј на завршниот турнир во Лондон и 14 титули на Мастерс турнирите.