Рафтер: За мене нема дилеми, Ѓоковиќ е убедливо најдобар во историјата

Поранешниот прв светски рекет, Патрик Рафтер, даде интересна изјава поврзана со 24-кратниот Грен-Слем шампион, Новак Ѓоковиќ. Австралиецот смета дека Ноле одамна требал да биде прогласен за најдобар тенисер во историјата и не му е јасно зошто има дилеми на оваа тема. 

„Луѓе, Новак има 24 Грен-Слем титули. Не ми е јасно зошто многу „експерти“ и медиуми воопшто разговараат на оваа тема. Врвен спортист, одличен џентлмен и голем шампион. Има неверојатна техника, брзина и агилност. На негова возраст повеќето тенисери веќе одамна се во пензија. Ѓоковиќ за мене е убедливо најдобар во историјата. 

Има многу други што се близу и биле близу до него, но кариерата на Новак е навистина неверојатна. Има најдобар скор кога се работи за победите и поразите, а има и најмногу титули од сите. Ако ја задржи формата, мислам дека лесно може да стигне до 26-27 Грен-Слем трофеи“, заклучи Рафтер. 

Патрик Рафтер своевремено беше најдобар тенисер на АТП-листата и еден од најуспешните австралиски тенисери. Еден од најепските мечеви во неговата кариера беше финалето на Вимблдон против денешниот тренер на Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ. Хрватскиот тенисер тогаш дојде на турнирот во Лондон со „вајлд-карта“ и успеа да го освои неофицијалното светско тениско првенство.