Рафаел Надал потврди, во јануари се враќа на тенисот

Рафаел Надал во јануари и дефинитивно се враќа на тенисот за својата последна натпреварувачка година. Тој веќе долго паузира и работи за да биде на добро физичко ниво и покрај сите повреди за да игра во 2024 година, а потоа најави повлекување. 

Сега и официјално, шпанскиот тенисер најави дека се враќа на турнирот во Бризбејн во првата седмица од новата година. Преку социјалните мрежи Надал се обрати на јавноста и преку видео го најави својот кам-бек на тенисот. 

„Мина една година, време е за враќање. Тоа ќе биде во Бризбејн првата седмица од јануари. Се гледаме таму“, прокоментира „Бикот од Мајорка“.

Надал не сакаше да се повлече од тенисот без да има свој „последен танц“. Освојувачот на 22 Грен слем титули е еден од најдобрите тенисери на сите времиња, а во 2024 година ќе работи на форма за да биде конкурентен на најголемата сцена. 

Турнирот во Бризбејн е на програмата од 31 декември 2023 година до седми јануари 2024 година. На овој турнир Надал ќе ја крева формата за Австралија Опен кој стартува на 14 јануари.