• Мартин Танасковски
Големо изненадување беше забележано на Ролан Гарос, откако украинската тенисерка Јулија Стародубцева обезбеди пласман во третото коло со сензационална победа над втората светска тенисерка Елена Рибакина. 55-та тенисерка на ВТА листата славеше по голема борба со 3-6, 6-1, 7-6, по два часа и 28 минути игра.
Рибакина подобро го отвори натпреварот и со два брејка го освои првиот сет, но Стародубцева возврати во вториот дел од мечот, каде целосно доминираше и израмни на 1-1 во сетови. Во решавачкиот сет Украинката поведе со 3-0, но Рибакина успеа да се врати и да избори тај-брејк. Сепак, во супер тај-брејкот Стародубцева одигра фантастично и убедливо победи со 10-4. Во следната рунда таа ќе игра против победничката од дуелот меѓу Хејли Баптист и Синју Ванг.
Пласман во третото коло обезбеди и седмата носителка Елина Свитолина, која убедливо ја совлада Кејтлин Кеведо со 6-0, 6-4. За Свитолина ова беше осма победа во низа, сметајќи го и триумфот на мастерсот во Рим, а во следната фаза ќе се соочи со Тамара Корпач.
Во третото коло се пласираше и Магда Линет, која ја елиминираше шампионката од 2017 година Јелена Остапенко со 6-2, 2-6, 6-2. Полската тенисерка сега ја очекува дуел против четирикратната шампионка на Ролан Гарос Ига Швјонтек, која има импресивен скор од 42 победи и само три порази на париската земјена подлога.
Интересно е што ова ќе биде првиот целосно полски дуел во историјата на Ролан Гарос, и во машка и во женска конкуренција. Меѓу тенисерките кои обезбедија место во третото коло се и Марта Костјук, Мари Бузкова, Пејтон Стернс и Викторија Голубиќ.






