• Саше Љолес
Бранителот на трофејот во Монтреал, Бен Шелтон, повторно ќе се бори за титулата на Мастерс турнирот, откако во американското полуфинале го совлада Ленер Тиен со убедливи 6-2, 6-3.
Шелтон влезе во мечот со непријатна статистика, бидејќи Тиен ги доби нивните претходни два меѓусебни дуели. Сепак, овојпат 23-годишниот Американец одигра многу подобро и за само еден час и 24 минути обезбеди место во финалето.
Американецот одигра одлично на свој сервис. Ги спаси сите четири брејк-топки, а по првиот сервис освои дури 81 процент од поените. Во текот на целиот турнир досега нема загубено ниту еден сет.
Неговиот противник во финалето ќе биде уште еден Американец - Брендон Накашима, кој во второто полуфинале го елиминираше Шпанецот Рафаел Ходар со 7-6/3, 6-4.
Накашима до победата стигна по два часа и четири минути борба. Откако го доби првиот сет во тај-брејк, во вториот мораше да издржи голем притисок. При резултат 5-4, додека сервираше за меч, спаси дури четири брејк-топки и успеа да го затвори натпреварот.
Финалето во Монтреал ќе има и историска димензија. Тоа ќе биде петнаесетто американско финале во историјата на Мастерс турнирите, но прво по повеќе од две децении. Последното се одигра во Синсинати во 2003 година, кога Енди Родик го совлада Марди Фиш.

