Пред Надал стои „висока планина“: Во наредните 53 дена брани 4.680 АТП поени

Рафаел Надал поени

Оваа недела официјално ќе започне најтешкиот период во сезоната за Рафаел Надал. Иако турнирите на земја му се омилени, на истите ќе мора да брани огромен број на АТП поени.

Прв предизвик ќе биде одбрана на титулата во Монте Карло, а маратонот ќе заврши со Ролан Гарос во јуни. До тој ден, Шпанецот ќе треба да одбрани 4.680 поени на пет турнири или во превод 53% од вкупното салдо кое го прави втор тенисер во светот.

Меѓу првите пет тенисери на АТП листата најмалку поени ќе брани Роџер Федерер кој во претходните две сезони отсуствуваше од турнирите на земјена подлога. Слична е ситуацијата и кај Новак Ѓоковиќ кој поради повреда не постигна задоволувачки резултати минатата година.

За Надал најважно е да ја задржи втората позиција пред да стигне во Париз каде сите очекуваат спектакл и финале против светскиот рекет број еден.