Повредата ќе биде санирана, Надал ќе игра на Австралија Опен

Рафаел Надал полека заздравува од незгодната повреда на коленото и ќе биде подготвен за првиот Грен слем турнир во идната сезона, Австралија Опен, денес потврди директорот на овој турнир Крег Тили. 

Поради оваа повреда, светскиот рекет број два ги откажа настапите на сите турнири на крајот од оваа сезона, а својот последен настап го имаше на УС Опен, кога го предаде полуфиналето против Хуан Мартин Дел Потро. 

„Речиси секој ден сме во контакт. Заздравувањето се движи според планот. Рафа ќе биде дел од Австралија Опен“, рече Тили. 

Претстојниот Грен слем во Мелбурн на програмата е од 14 до 17 јануари, идната година, а бранител на титулата е легендарниот Роџер Федерер.