Поранешен прв светски рекет со порака до Синер и Алкараз: Далеку сте од „големата тројка“!

Поранешниот прв светски рекет, Густаво Куертен, даде интересна изјава поврзана со Јаник Синер и Карлос Алкараз и нивната споредба со „големата тројка“ која ја сочинуваат Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер и Рафаел Надал. 

Куертен имаше само пофални зборови за младите тениски таленти, но смета дека тие се многу далеку од ова славно друштво и им порача дека имаат уште многу да работат за да дојдат до тоа ниво. 

„Секогаш е тешко да се прави споредба помеѓу играчи од различна генерација, но мислам дека денес тенисот е на импресивно ниво. Синер и Алкараз прикажуваат игри од највисок квалитет, имаат добра комбинација на сила, брзина и техника, но мислам дека уште се многу далеку од големата тројка. 

Им предвидувам славна и неверојатна кариера, но имаат уште долг пат за да стигнат до нивото на тројцата славни тенисери. Новак, Рафа и Роџер доминираа цели две децении, па затоа треба многу време за да ги видиме младите таленти во ова славно друштво“, рече Куертен.

Јаник Синер и Карлос Алкараз се подготвуваат за настап на Австралија Опен, првиот Грен-Слем во годината, кој ќе трае од 12 до 26 јануари.