• Горан Упале

Томи Пол за првпат во кариерата ќе игра во полуфинале на еден Грен слем турнир. Американецот во четвртфиналето на Австралија опен го совлада сонародникот Бен Шелтон со 7-6/6, 6-3, 5-7, 6-4.
Американскиот дуел донесе многу неизвесност во првиот сет. И двајцата тенисери релативно лесно го „чуваа“ сервисот, имаше само една брејк топка, па сè се решаваше во тај-брејкот, кој на крај му припадна на поискусниот.
Еден брејк во шестиот гем беше доволен за Пол да се одлепи од својот ривал и поведе со 2-0, но во третиот сет, иако Пол направи брејк за 4-3, Шелтон успеа да се врати и со 7-5 намали на 2-1 во сетови.
Сепак, тоа беше сè од 89. играч на светот. Пол во првиот гем од четвртиот сет веднаш си создаде брејк предност и до крајот на мечот не остави ништо на случајност за најважна победа во кариерата. Негов ривал за пласман во финалето ќе биде подобриот од мечот Новак Ѓоковиќ - Андреј Рубљев.