Почина легендарниот тренер кој ги вивна до врвот Сампрас, Шарапова, Девенпорт...

Легендарниот американски тениски тренер Роберт Лансдорп почина на 86-годишна возраст. Американските медиуми ја пренесоа тажната вест дека почина Лансдорп, кој тренираше бројни големи тенисери и им помогна да освојат 24 грен слем титули.

Работеше со Пит Сампрас, Марија Шарапова, Линдзи Девенпорт, Трејси Остин... Тој беше експерт за форхенд, бекхенд и волеј и генерално удирање по одбивањето на топката од подот. Затоа во светот на тенисот таквиот удар се нарекува „ Лансдорп форхенд“.

Пит Сампрас во една прилика изјави дека Роберт го научил на сè, а особено е благодарен за вежбата „20“ каде дваесет пати морал да упатува перфектни удари и секогаш кога ќе згрешeл почнувал од почеток, дури и да има деветнаесет успешни удари.

Лансдорп работеше со тениската елита и најмалку дваесет играчи кои ги тренираше беа во ТОП 50 во светот.