По 2016 прво полуфинале за Ѓоковиќ, со атомски тенис го „среди“ Нишикори

Некогашниот најдобар тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, продолжува со одличните игри на Вимблдон, откако без многу мака обезбеди место меѓу четворицата најдобри на „Олд Ингланд Клуб“. За првиот српски рекет ова е прво Грен слем полуфинале по пауза од две години, последен пат меч за финале се бореше на УС Опен 2016 година. 

Популарниот Ноле за два и пол часа со 3-1 (6-3, 3-6, 6-2, 6-2) го совлада незгодниот Кеи Нишикори, кој одигра фантастичен турнир, но немаше решение за разиграниот Србин. Првиот сет Ѓоковиќ го доби со 6-3, па Јапонецот идентично возврати за 1-1 во сетови. 

Сепак, освојувачот на овој турнир од пред три години, во останатите два сета играше атомски тенис и наликуваше на оној стариот од пред две сезони. На противникот му дозволи да освои само четири гема (по два во двата сета) и заслужено со 3-1 слави учество во полуфиналето. 

Во дуелот за финале, Ѓоковиќ ќе се судри со подобриот од мечот кој треба наскоро да започне, меѓу Рафаел Надал и Хуан Мартин Дел Потро.