Пела со фуриозен финиш изненадувачки го елиминира Чилиќ во Монте Карло

Гуидо Пеља

Првото големо изненадување на Мастерс турнирот во Монте Карло го приреди Гуидо Пела кој со 2-1 (6-3, 5-7, 6-1) во сетови го доби дуелот против Марин Чилиќ.

Аргентинскиот ас одлично го отвори мечот и со офанзивна игра се избори за брејк, кој потоа му донесе и водство од 1-0 во сетови. Сепак, во вториот иако имаше негатива од 0-2, Чилиќ успеа да се врати во игра и со серија од 7-3 во гемови стигна до израмнување од 1-1.

Во одлучувачкиот сет поприсебен беше Аргентинецот кој со убедливо издание го шокира фаворитот и не му даде никаква шанса, добивајќи го мечот со 6-1.

По овој меч меѓу Чилиќ и Пела на главниот терен во Монте Карло се очекува да започне дуелот меѓу Ѓоковиќ и Колшрајбер, кој ќе биде нивни прв меѓусебен по големата победа на Германецот на Мастерсот во Индијан Велс. 

Од денешната програма на овој Мастерс нова рунда обезбедија уште Нори и Алисиме, а турнирот заврши за искусните Жо Вилфред Цонга и Фернандо Вердаско. Домашниот тенисер поради повреда го предаде мечот со Фритц, додека Шпанецот со 2-0 во сетови беше поразен од Херберт.