Паолини ја здроби Андреева и закажа историско финале на Ролан Гарос

Петнаесеттата светска тенисерка, Јасмине Паолини, е втората учесничка во големото финале на Ролан Гарос, откако славеше во полуфиналето над Мира Андреева од Русија со конечни 2-0 (6-3 и 6-1). 

Паолини немаше никакви проблеми со ривалката од Русија и комплетно успеа да се наметне со нејзината луцидност и со максималниот пристап во мечот. Андреева кратко парираше само во првиот сет, а потоа ѝ ја препушти победата на Италијанката. 

Ова е еден од најголемите триумфи во кариерата на Паолини, која во финалето ќе се сретне со првата тенисерка во светот, Полјачката Ига Швјонтек. Мечот за трофејот кај дамите е закажан за осми јуни, со почеток во 15:00 часот. За Паолини ова ќе биде прво финале на Грен-Слем турнирите.