Осминафинални елиминации на Циципас и Гофин на АТП турнирот во Ротердам

Стефанос Циципас доживеа изненадувачка елиминација на АТП турнирот во Ротердам, од Алјаз Бедене со сигурни 2-0. Грчкиот тенисер потфрли и не ја оправда улогата на апсолутен фаворит во мечот, но и на целиот турнир. Словенецот од друга страна одигра одлична средба и со 7-5, 6-4 го исфрли Циципас и закажа четвртфинале против Ожер Алиасем.

Шестопласираниот тенисер на АТП ранг листата со триумфот на завршниот Мастерс турнир во Лондон во декември, најави дека ќе води битка за напад на врвот од тенисот, но доживеа неуспех на првиот Грен слем турнир за годинава. 

Искусниот Давид Гофин се „сопна“ и загуби во мечот против 18-годишниот Италијанец, Јаник Синер со 2-0. Младиот тенисер од „чизмата“ се намачи против Белгиецот, во првиот сет го доби по тајбрејк со 7-6 (9-7), а вториот со 7-5. Синер во четвртфиналето ќе се сретне со Карено Буста од Шпанија. 

Гаел Монфилс лесно го совлада Жил Симон и со триумф од 2-0 (6-4, 6-1), закажа средба со Даниел Еванс. Русинот Андреј Рубљев го елиминираше Александар Бублик со 2-0, па во следната рунда ќе игра против подобриот од мечот меѓу Поспишил и Крајиновиќ. 

Паралелно со овој турнир се игра и АТП турнирот во Буенос Аирес, каде што изненадувачки елиминации претрпеа Борна Чориќ и Ласло Ѓере. Хрватот беше поразен без добиен сет од Тиаго Монтеиро, додека Србинот со 1-2 загуби од Хуан Лондеро.