Осака си ја отвори душата по УС Опен: Не знаев што се случува, беше стресно!

Наоми Осака минатата сабота ја освои титулата на УС Опен, што беше за неа прва Грен Слем титула, откако во финалето ја победи фаворитката Серена Вилијамс во два сета со 6-2 и 6-4.

Нејзината победа остана во сенка на кавгата меѓу Вилијамс и судијата Карлос Рамос, кого го нарече „крадец“, бидејќи и одзеде гем. Во текот на церемонијата на доделување на титулите, навивачите на „Артур Еш“ свиркаа, се додека Вилијамс не ги замоли да престанат.

„Серена ми рече дека е горда на мене и дека би требало да знам дека публиката не ме исвиркува мене. Бев среќна кога ми кажа така. Тогаш помислив дека мене ми свиркаат, затоа што не знаев што се случува, вревата беше пресилна. Сето тоа беше стресно за мене“, изјави Осака.

Таа го донесе првиот Гренд слем трофеј во Јапонија, а тамошните медиуми пренесуваат дека наскоро новата тениска ѕвезда ќе потпише договор со одлични финансиски услови со еден од производителите на спортска опрема.