Организаторите на Ролан Гарос задоволни, рекордна посетеност на францускиот Грен-Слем

Неодамна завршениот француски Грен-Слем, Ролан Гарос, мина во знакот на Карлос Алкараз и Ига Швјонтек, кои триумфираа во машка и женска конкуренција, а овогодинешното издание ќе остане запаметено како најпосетено во историјата. 

Рекордни 675.080 гледачи присуствувале на сите одиграни мечеви во Париз, а финалниот дуел меѓу Алкараз и Зверев на ТВ-екраните го следеле повеќе од осум милиони луѓе. Според тениската асоцијација на Франција, оваа година посетеноста на Ролан Гарос била зголемена за 6,6 проценти. 

Нема информација за тоа колку луѓе го следеле финалето во женска конкуренција, но на трибините немаше ниту едно слободно столче, а публиката уживаше во мајсториите на Швјонтек, која не ѝ дозволи да „мрдне“ на Италијанката Јасмине Паолини.