• Саше Љолес

Поранешната српска тенисерка, Ана Ивановиќ, изјави дека Италијанецот Јаник Синер има огромен потенцијал да прерасне во вистинска легенда на светскиот тенис.
Некогашната прва тенисерка на светот имаше само пофални зборови за младиот Синер и рече дека била импресионирана од неговиот настап на Австралија Опен, додавајќи дека неговиот „кам-бек“ во финалето со Медведев е еден од најголемите во историјата.
„Јаник беше неверојатен во текот на целиот турнир. Одамна не сум видела таква енергија, а тој стануваше посилен со секој изминат меч. Кога доаѓа финалето, нормално е да сте уморни, но Синер пронајде сила и режираше неверојатен пресврт, каков што ретко се гледа во тенисот.
Имам чувство дека може да биде еден од најголемите во историјата, неговото место е заедно со Федерер, Надал, Ѓоковиќ и останатите. Пред него е долга и богата кариера, а јас секогаш ќе имам големи симпатии за него и неговата брилијантна игра“, изјави Ивановиќ.
Јаник Синер ја освои својата прва Грен-Слем титула, а до неа дојде откако имаше негатива од 0-2 во сетови против Русинот Данил Медведев. Кога сите помислија дека мечот е готов, Италијанецот се врати на чудесен начин и го совлада ривалот, а радоста на неговите навивачи беше неизмерна.