Новата ВТА-сезона почнува на петти јануари во Абу Даби

Новата ВТА-сезона во тенис ќе започне на петти јануари 2021 година со турнир во Абу Даби, соопшти денеска Тенискиот сојуз на жени. Квалификациите за Австралијан опен ќе се одржат од 10 до 13 јануари во Дубаи, а не во Мелбурн, каде ќе се игра првиот Грен слем турнир во сезоната.

Играчите и нивната придружба потоа ќе отпатуваат за Австралија каде ќе треба да поминат две недели во карантин поради коронавирусот. Два подготвителни турнири за Австралија опен ќе се одржат истовремено во Мелбурн, од 31 јануари до 7 февруари.

Претседателот на ВТА, Стив Симон вчера изјави дека турнирите ќе се одржат во „средина што ги става здравјето и безбедноста на прво место“. Австралијан опен, кој обично се игра во втората половина на јануари, ќе започне на осми февруари следната година.