„Новак прво ти ги сече нозете и ти ја вади душата, па ти копа гроб и те закопува...“

Тренерот на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, беше расположен за разговор со медиумите по големата победа на српскиот ас на Ролан Гарос над Каспер Руд и рекордниот 23-ти Грен Слем турнир во витрините.

Новак стана апсолутен рекордер и го мина Рафаел Надал, а Иванишевиќ кажа дека се се одвивало како што сите планирале.

„Доаѓањето на турнирот беше неверојатно. Исто и формата, но не бевме загрижени, затоа што Ноле играше и во Монте Карло и во Рим. Грен Слемот е како некој друг спорт. Видов мотивација, глад и Ноле играше од ден во ден се подобро. Со Алкараз одигра многу паметно, а денес го заврши она кое го почнавме во Монте Карло. Го разменивме чекот за пари“, изјави Иванишевиќ.

Тренерот на српскиот тенисер го прокоментира и „твитот“ на Енди Родик кој привлече големо внимание.

„Да, како што Родик кажа, Ноле прво ти ги сече нозете и ти ја вади душата, па ти копа гроб и те закопува“, заврши легендарниот тенисер, а сегашен тренер.

Новак Ѓоковиќ најави дека нема тука да застане и до крајот на кариерата ќе се потруди да го подобри Грен Слем рекордот.