• Горан Упале

Новак Ѓоковиќ потешко од очекуваното се пласираше во второто коло од АТП турнирот во Дубаи, откако во три сета го совлада аутсајдерот Томаш Махач од Чешка.
Првиот рекет на светот важеше за голем фаворит, а тоа и го покажа во првиот сет, во кој доминираше од самиот старт и со 6-3 се избори за водство од 1-0. Но, во продолжение неговата игра драстично се промени, влезе во серија грешки и Махач на најдобар можен начин го искористи тоа. 130. тенисер на АТП листата со брејк во вториот гем си создаде предност во вториот сет, која што ја сочува до крај и израмни на 1-1 (6-3).
Српскиот ас покрај лошата игра во вториот сет се соочи и со здравствени проблеми, па за време на една пауза мораше да посегне по лекови. Во одлучувачкиот сет Ѓоковиќ беше тој кој прв зададе удар и со брејк поведе со 4-1, но Махач не се предаде и израмни на 4-4, па сетот влезе во тај-брејк. Сепак, Ѓоковиќ покажа кој е кој во клучниот период и со 7-1 во тај-брејкот славеше тешка победа над расположениот ривал.
Во второто коло српскиот ас го чека средба со Грикспор од Холандија.