• Горан Упале
Во опуштена и пријателска атмосфера во Битола се одржа традиционалниот ноќен маратон „Легендите на клубот“, настан што ги слави тениските легенди на клубот и градот.
Овој уникатен собир започна со ревијални натпревари, во кои учесниците се вратија во минатото користејќи дрвени рекети, што донесе носталгичен шмек и насмевки кај публиката. Овие мечеви беа совршен начин да се оддаде почит на традицијата и на почетоците на тенисот во градот. По ревијалниот дел, во позитивна атмосфера беа доделени благодарници на поединци и поддржувачи кои со својата посветеност и работа значително придонеле за популаризација на тенисот во Битола, зајакнувајќи ја неговата позиција како еден од столбовите на локалната спортска заедница.
Потоа следуваше главниот настан. На традиционалниот ноќен маратон учествуваа 28 тенисери, од различни возрасни категории. Турнирот заврши во раните утрински часови, а победник беше најмладиот пар - Мила Гугучевска и Јулиан Мрга Трифуновски.
Оваа манифестација, веќе длабоко врежана во културниот и спортски живот на Битола, повторно привлече голем број ентузијасти, љубители на тенисот и поранешни играчи, создавајќи незаборавна вечер исполнета со спортски дух и дружење.
Тенискиот клуб Битола им се заблагодари на сите помагатели и учесници на овој традиционален турнир и уште еднаш потврди дека на овој начин се зачувува богатото наследство на тенисот во градот на конзулите.