• Иван Димовски
По две недели спектакуларен тенис, остана уште само еден меч за да се стави точка на годинешниот УС Опен. На „Артур Еш“ ќе се соочат Александар Зверев и Бен Шелтон, двајца тенисери со сосема различни приказни, но со иста цел, да стигнат до големиот трофеј во Њујорк.
Првиот носител Зверев по вторпат во кариерата ќе игра во финалето на УС Опен, откако претходно во 2020 година испушти огромна шанса против Доминик Тим. Германецот во меѓувреме стигна до трофејот на Ролан Гарос, а сега има нова можност да освои уште еден Грен слем.
Од другата страна ќе биде Шелтон, кој за првпат ќе игра во финале на еден Грен слем. Шелтон до финалето стигна откако во четвртфиналето го елиминираше бранителот на титулата Карлос Алкараз, а во полуфиналето беше подобар од сонародникот Френсис Тиафо. Така, 23-годишниот Шелтон стигна до најголемиот успех во досегашната кариера и доби шанса пред домашната публика да стави крај на долгото чекање на американскиот машки тенис за нов Грен слем шампион.
Токму тоа му дава дополнителна тежина на финалето. Зверев го има искуството и статусот на фаворит, додека Шелтон во својот прв Грен слем финален меч ќе ја има поддршката од трибините и огромен мотив да направи историја. Доколку стигне до трофејот тој ќе стане првиот Американец по пауза од 23 години со таков успех, бидејќи последен домашен тенисер кој триумфирал на УС Опен е Енди Родик во 2003.
Мечот во Њујорк се игра во терминот од 20:00 часот.

