Нов голем успех на Павловска: Ќе им суди на тениските ѕвезди на ЛОИ во Токио

Анета Павловска веќе неколку години во низа е дел од светскиот тениски врв, кога во прашање се судиите. Младиот судија кој зад себе има собрано солидно искуство од поголеми тениски приреди, се чини дека ова лето ќе го достигне врвот на својата кариера. 

33-годишната битолчанка ќе стане првата Македонка, која ќе биде дел од судискиот тим на престојните Летни олимписки игри во Токио. Таа ќе продолжи по стапките на Зоран Поповски, кој го „скрши мразот“ и стана првиот тениски судија од нашата земја со искуство од едни Летни олимписки игри. 

Павловска имаше повеќе од успешна 2019 година. Беше избрана да им суди на ѕвездите на ВТА на завршниот Мастерс во Шенжен, каде не може да аплицира секој судија, туку можат да делат правда само најдобри судии во моментот. 

Исто така беше дел и од ланскиот Ролан Гарос, каде имаше и значајна улога во финалето меѓу Ешли Барти и Маркета Вондрушова, а во своето богато „Си-Ви“ впиша и натпревари од Параолимписките игри во Рио пред четири години.