Нори ќе побара совет како да го победи Новак Ѓоковиќ

Камерон Нори ќе биде следен ривал на Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Вимблдон. Британецот славеше против Давид Гофан и закажа дуел со српскиот тенисер, а самиот е свесен дека нема да биде лесно. 

„Добро е да се биде тука, ама станува сè потешко. Ќе уживам во дуелот со Новак, се радувам на мечот. Мора да се подготвам. Ова е една од најтешките задачи во тенисот. Би кажал дека тревата е негова омилена подлога, рекордот на Вимблдон е неверојатен. Мора да се поправам, против Гофан загубив концентрација, а против Ѓоковиќ нема место за такво нешто. 

Мареј ми е поддршка. Тренирав со него и добивам совети. Мислам дека нема да биде лошо да го прашам за тактика против Ноле“, изјави Нори. 

Енди Мареј во минатото беше голем ривал на Новак Ѓоковиќ, но и останатите од „големата тројка“. Сепак, дури и со советите од искусниот Шкотланѓанец, Камерон Нори е аутсајдер во полуфиналето против Србинот, кој има 26 врзани победи на Вимблдон.